Мај 2023

Државна олимпијада по германски јазик за основно образование

На ден 27.05.2023г. се одржа годишната Државна олимпијада по германски јазик за учениците од основните училишта, на која верувале или не, учество зедоа повеќе од 275 дечиња - љубители на германскиот јазик и култура, кои се натпреваруваа во четири категории од шесто до деветто одделение и уште еднаш потврдија дека навистина фразата Deutsch macht Spaß не е само обична изрека, туку стварност.

Натпреварот се одржа во Прилеп, во градот под Марковите Кули, баш во централното основно училиште „Кочо Рацин“, а домаќините - тимот на наставници при ООУ „Кочо Рацин“ - Прилеп предводени од наставничките по германски јазик и директорката на училиштето г - ѓата Јулијана Тренкоска, се погрижија овој настан да биде сладок спомен за кој сите уште долго ќе зборуваме и кој ќе го паметиме.

Ние, наставниците, умееме да направиме чуда! Токму како ова. A знаете зошто? - Затоа што за нас, наставниците, најважна е среќата, радоста и насмевката на децата! Изучувањето на германскиот јазик им го овозможуваме на еден креативен начин, бидејќи тоа, германскиот јазик, значи забава!

Ја користиме оваа прилика да им се заблагодариме на нашите пријатели од Гете-Институтот Скопје без чија поддршка не би можеле да понудиме ваков формат на настава и натпреварувачки активности од светски калибар.

Сакаме да им се заблагодариме и на Амбасадата на С. Р. Германија во Скопје и Советот на Општина Прилеп, кои преку присуството на своите претставници му дадоа поинаква тежина на овој настан.

На крај огромна благодарност до нашите спонзори „ВИТАМИНКА“ АД Прилеп, „КОЖУВЧАНКА“ ДОО Кавадарци и „АРС ЛАМИНА“ Скопје, кои уште еднаш покажаа дека секогаш се отворени за соработка кога станува збор за децата и нивната среќа.

Од се срце им честитаме на добитниците на награди и се гордееме што сите ученици, без разлика дали освоиле место или не, се особено горди поддржувачи на германскиот јазик и култура.

До следното видување и нека фотографиите говорат за прекрасниот настан.