


Еднодневен семинар на „Арс Ламина“ и Hueber Verlag
Во пријатниот амбиент на книжарницата „Литература.мк“ во Дајмонд мол – Скопје, на 12 септември 2025 година се одржа еднодневен семинар во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“ и германскиот издавач Hueber Verlag од Минхен.
На настанот присуствуваа наставници по германски јазик од средните училишта низ Македонија, а семинарот го водеше Ивана Хорватинчиќ Ајаји, долгогодишна советничка и обучувачка за Hueber Verlag, со богато искуство во наставата по германски и англиски јазик.
Темата на семинарот – „Генерацијата Алфа во училница: што ги мотивира, што им е потребно?“ – беше реализирана преку презентација на новиот учебник за прва година гимназиско образование „Ein tolles Team“, чиј застапник и дистрибутер за Македонија е „Арс Ламина“.

Еднодневна обука на „Просветно Дело“ и германската издавачка куќа Ernst Klett Verlag
На 29 и 30 септември во Скопје се одржа еднодневна обука за наставниците по германски јазик од основните училишта, посветена на промоцијата и практичната употреба на новоодобрените дидактички помагала од едицијата „Klasse!“ на Ernst Klett Verlag, одобрени од Министерството за образование и наука.
Организатор на настанот беше издавачката куќа „Просветно Дело“ од Скопје, во соработка со Ernst Klett Verlag од Германија и Здружението на наставници по германски јазик. Во фокусот на обуката беше новиот учебник „Klasse!“, кој го претстави стручниот консултант на Ernst Klett Verlag, г-ѓа Џенифер Сванда. Настанот понуди можност за размена на искуства и идеи, како и за стекнување практични вештини за примена на современи наставни пристапи.